Израел се согласи на договор за прекин на огнот со либанското движење Хезболах, кој беше поддржан од САД, а премиерот Бенјамин Нетанјаху сега работи на тоа како да го претстави на јавноста доколку Хезболах исто така го прифати, објави израелскиот јавен сервис Кан минатата ноќе.
Како што наведува овој медиум, целта е примирјето да се прикаже не како „компромис“, туку како нешто што му користи на Израел.
Според извештајот, примирјето му дозволува на Израел да го задржи правото да спроведува воени операции на либанско-сириската граница, пишува Тајмс оф Израел.
Водачот на Хезболах, Наим Касем минатата недела изјави дека движењето го разгледало предлогот за прекин на огнот и го дало својот одговор, и дека топката сега е на теренот на Израел.
И покрај наводите за можно примирје, не недостигаа нови напади. Израелската армија изврши нови воздушни напади во предградието на Бејрут. 84 лица загинаа, со што бројот на убиените во Либан се искачи на 3.670 од октомври 2023 година. Повредени се 15.626 лица.
Хезболах возврати со истрелување 200 ракети во северен и централен Израел.
Нови напади на ИД и во Појасот Газа. Целта на ИД беа бегалските кампови Бурејџ и Магази. Најмалку 11 лица загинаа.