Европската Унија ги испорача шесте нови автобуси за потребите на Град Скопје во рамките на програмата „ЕУ за чист воздух“ финансирана од ЕУ, која е управувана од УНОПС, а ги опфаќа и Битола, Куманово и Тетово. Автобусите работат на компримиран природен гас (CNG) и го исполнуваат стандардот ЕУРО 6; намалените емисии на CO2 ќе придонесат за подобар квалитет на воздухот во главниот град.
Ова претставува значаен чекор во подигање на свеста за јаглеродниот отпечаток и обезбедување одржлива урбана мобилност. Засилениот возен парк на ЈСП е исто така во согласност со Зелениот договор на ЕУ и стандардите за квалитет на воздухот низ Европската унија, кои имаат за цел да го сведат загадувањето на нула до 2050 година и да помогнат во спречување на предвремени смртни случаи поради загадениот воздух.
Секој автобус е со капацитет од 98 патници (69 стоење + 29 седишта), вклучувајќи и за лицата со попреченост, со што дополнително се подобрува нивниот пристап до основните услуги и се обезбедуваат можности за пристапен јавен превоз и безбедна урбана мобилност.