Македонија

СДСМ: Министерството за внатрешни работи и Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ целосно потфрлија во справувањето со инцидентите

СДСМ: Министерството за внатрешни работи и Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ целосно потфрлија во справувањето со инцидентите

СДСМ упати остри критики кон Министерството за внатрешни работи и Владата, обвинувајќи ги за неспособност и неуспех во превенцијата и контролата на неодамнешните инциденти. Според СДСМ, Министерството за внатрешни работи, под водство на министерот Панче Тошковски, не било подготвено ниту да спречи, ниту соодветно да реагира на ситуацијата која траела речиси цел ден.

„Граѓаните имаат право да прашаат – зошто полицијата не беше присутна и зошто немаше брза и одлучна интервенција? Министерството мора да објасни дали воопшто постоел план за управување со ваквите ситуации,“ порача СДСМ, додавајќи дека институциите очигледно биле парализирани.

Дополнително, СДСМ прашува каде биле премиерот Христијан Мицкоски и министерот Тошковски, кои, според партијата, требало да упатат смирувачки пораки до јавноста. „Нивната тишина ги продлабочи тензиите и создаде чувство на несигурност,“ истакнаа од опозициската партија.

СДСМ побара одговорност и итна реакција од Владата, повикувајќи на идентификација и санкционирање на сторителите. „Законот мора да важи подеднакво за сите,“ нагласуваат од СДСМ, потенцирајќи ја потребата од почитување на симболите и идентитетот на сите заедници во државата.

Партијата оцени дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не покажала лидерство ниту способност да управува со кризни ситуации. СДСМ, од своја страна, се изјасни дека останува посветена на заштитата на државните симболи, достоинството на граѓаните и зачувувањето на меѓуетничкиот соживот.

„Владата мора итно да преземе одговорност и да ги санира штетите кои ги предизвика со своето безделничење,“ завршува соопштението на СДСМ.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни