Три лица загинаа во поплавите низ неколку малезиски држави, а повеќе од 80.000 луѓе се евакуирани, соопшти денеска малезиската влада.
На веб-страницата на Националниот центар за команда за катастрофи се наведува дека 80.589 луѓе се евакуирани во 467 привремени засолништа во седум сојузни држави, додека Келантан и соседниот Теренгану биле најтешко погодени, објави Ројтерс.
Владата распореди повеќе од 82.000 припадници на безбедносните сили, како и спасувачки чамци, возила со погон на четири тркала и хеликоптери за да му помогнат на населението.