На прашањето од ТВ21 за плановите на Владата во врска со измените на Законот за рестриктивни мерки, со кои би се предвиделе домашни санкции за лицата на црната листа на САД, Владата одговори дека моменталната законска рамка е доволна за дејствување.
„Како Влада сметаме дека и сега постојат законски основи за покренување постапки против лица кои се нашле на црната листа на САД. Во 2021 година беше усвоен Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, кој овозможува Јавното обвинителство да испрати барање за соработка до надлежните институции во странство. Законот, исто така, овозможува формирање заеднички истражни тимови за истражување и гонење кривични дела, со договор што го склучува државниот обвинител,“ велат од Владата.
Во однос на недонесените измени на Законот за рестриктивни мерки, предложени од претходната Влада, со кои беа предвидени мерки како отворање предмети во Јавното обвинителство, забрани за јавни функции и учество во јавни набавки, Владата изјави дека не планира нови законски решенија за ова прашање.
„Сметаме дека правосудните органи треба одговорно да ја извршуваат својата работа. Неопходно е актуелните закони и Устав да се применуваат доследно, без заобиколувања. Барањето нови решенија само би одземало дополнително време за нивно усвојување и имплементација,“ наведуваат од Владата.