Свет

Европската комисија започна истрага против ТикТок

Европската комисија започна истрага против ТикТок

Европската комисија денеска започна формална постапка против социјалната мрежа TikTok поради сомневање дека не го ограничува мешањето во изборите, особено на претседателските избори во Романија минатиот месец.

Извршното тело на Европската унија соопшти дека ќе побара информации и ќе ја истражи политиката на TikTok во врска со политичките реклами и платените политички содржини, како и системите на TikTok за генерирање препораки и ризиците од нивна манипулација.

На 5 декември, комисијата му нареди на TikTok да ги замрзне податоците поврзани со романските избори според широкиот Закон за дигитални услуги, кој ја регулира работата на најголемите социјални мрежи во Европа.

Романскиот Врховен суд потоа ги поништи претседателските избори по обвинувањата за руско мешање и победата на прорускиот ултранационалист Калин Георгеску во првиот круг.

Започнувањето на формални постапки во вторник и дава на Комисијата овластување да преземе дополнителни чекори за спроведување на законот и прифаќање на обврските преземени од TikTok. Сè уште нема конкретен рок за завршување на постапката.

TikTok, кој е во сопственост на кинеската Bytedance, рече дека го заштитил интегритетот на својата платформа преку повеќе од 150 избори ширум светот и ѝ дал на Европската комисија опширни информации за нејзините напори.

Тие додадоа дека не прифаќаат платени политички реклами и дека проактивно отстрануваат содржини што ја нарушуваат нивната политика за дезинформации и говор на омраза.

Претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен изјави дека е покрената нова истрага по сериозните индиции дека странски актери интервенирале на романските претседателски избори, пишува Си-Ен-Ен.

– Мораме да ги заштитиме нашите демократии од какво било странско мешање. Кога се сомневаме на вакво мешање, особено за време на избори, мора да дејствуваме брзо и одлучно, вели таа во соопштението.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни