Американското Федерално истражно биро (ФБИ) објави награда од десет милиони долари (9,2 милиони евра) за информација што би довело до апсење на канадскиот поранешен олимпиец Рајан Вединг, кој е осомничен дека станал меѓународен наркобос, објави денеска „Гардијан“.
Полицијата во Лос Анџелес соопшти дека Рајан Вединг, познат како „Ел Џефе“ и „Џинот“, се бара поради неговата улога во операција за прекугранична трговија со дрога вредна милијарда долари, како и за неколку убиства поврзани со неговата криминална мрежа.
Американските власти рекоа дека Вединг, за кој ФБИ рече дека е еден од десетте најбарани бегалци во САД, најверојатно се крие во Мексико под заштита на нарко картелот Синалоа.
Заменик-началникот на полицијата во Лос Анџелес, Алан Хамилтон, им рече на новинарите дека „зголемувањето на наградата треба јасно да покаже дека Вединг не може да се скрие никаде“.

Кој е Рајан Вединг
Рајан Вединг (43) израснал во Тандер Беј, Онтарио и се натпреварувал за тимот на Канада на Олимписките игри во 2002 година во Солт Лејк Сити, каде што се пласирал на 24-то место во сноубординг во паралелен велеслалом.
Тој беше именуван во налог за претрес за време на истрагата за одгледување марихуана во Британска Колумбија, четири години по Олимпијадата на која учествуваше, но никогаш не беше обвинет.
Во 2010 година, Вединг беше осуден на четири години затвор за трговија со дрога, откако се обидел да купи кокаин од агент на американската влада.
Минатата година, американското Министерство за правда го обвини Вединг за водење на синџир кој се занимавал со „шверц на кокаин и убиства, вклучително и невини цивили“.
Тој е обвинет дека наводно го надгледувал транспортот на стотици килограми кокаин од Колумбија, преку Мексико и јужна Калифорнија до Канада.
Полицијата во Лос Анџелес соопшти дека криминалната мрежа на Вединг пренесувала „пет метрички тони фентанил месечно“ во градовите во САД и Канада.
Вединг и неговиот канадски колега, Ендрју Кларк, исто така се обвинети дека најмиле убијци за да ги убијат оние за кои верувале дека се пречка за нивната операција.
Од 16-те обвинети по кои трага полицијата, Вединг и уште еден член на таа криминална организација сè уште се во бегство.
Кларк беше уапсен од мексиканските власти на 8 октомври 2024 година, а на 27 февруари беше префрлен во САД.