Американскиот државен секретар Марко Рубио и се обрати на јавноста по разговорите со украинските претставници во Саудиска Арабија.
Тој вели дека САД дале понуда, која Украинците ја прифатиле, „да влезат во прекин на огнот и да влезат во преговори за завршување на овој конфликт на начин кој е траен и одржлив“.
Тој вели дека сега ќе ја земе оваа понуда до Русите и се надева дека тие ќе кажат да.
„Топката е на нивен терен“, додава Рубио и им кажува на новинарите дека претседателот Трамп сака војната да заврши.
Американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц изјави дека на средбата се разговарало за деталите како трајно да се стави крај на оваа војна и кои ќе бидат долгорочните гаранции.
„Во наредните денови ќе разговарам со руската страна, а секретарот Рубио ќе разговара со министрите за надворешни работи на Г7“, рече Волц.
Потоа, Рубио повтори дека единствениот начин да се стави крај на војната е преку преговори, а за тоа да се случи, пукањето мора да престане.
Рубио рече дека се надева оти ќе се постигне прекин на огнот што е можно поскоро.
Претходно, украинската и американската страна во заедничка изјава изјавија дека САД ќе продолжат да и даваат помош на Украина, како и дека Киев изразува подготвеност да прифати привремен прекин на огнот од 30 дена.
Да потсетиме, денеска во Џеда, Саудиска Арабија започна средбата на украинската и американската делегација на тема мировниот договор за ставање крај на украинскиот конфликт и билатералните односи меѓу Украина и САД.
Во украинската делегација се шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак, министерот за надворешни работи Андриј Сибиха, министерот за одбрана Рустем Умеров и заменик-шефот на кабинетот на претседателот Павло Палис.
Американската делегација ја претставуваат американскиот државен секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајкл Волц и специјалниот пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф.