Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во текот на деновите 2 и 3 јули на територијата на државата биле регистрирани вкупно 29 пожари на отворен простор, од кои 4 сè уште се активни, а 25 се локализирани и ставени под контрола.
АКТИВНИ ПОЖАРИ (4):
- Општина Прилеп – с. Бешиште: пожарот се шири низ приземна вегетација во квалитетна мешана шума. Дополнително, крак на истиот пожар кај с. Градешница (опш. Новаци) кој претходно беше смирен, повторно се разгорел во утринските часови.
- Општина Валандово (с. Грчиште) и Општина Богданци (с. Паљурци – с. Богданци): пожарите зафатиле ниска вегетација и мешана ниска шума, со проширување поради ветерот и високите температури.
- Општина Македонски Брод – с. Црешнево: пожарот гори во деградирана дабова шума, на терен со ограничен пристап за противпожарните служби.
- Општина Старо Нагоричане – с. Длабочица: опфатена е мешана шума со бор и бука, пожарот се шири на потешко достапен терен.
ЦУК ги координира сите надлежни институции на терен, вклучувајќи ја противпожарната единица, локалните самоуправи, Шумската полиција и подрачните единици на МЗШВ. Апелира до граѓаните да не палат оган на отворено и да пријават секое забележано чадење или појава на пламен на 112.