Плоштадот „Мајка Тереза“ синоќа пулсираше во ритамот на виенски валцери, маршеви и арии, на спектакуларниот гала концерт „Од #МОБ за Скопје“, организиран од Националната опера и балет по повод 200-годишнината од раѓањето на Јохан Штраус.
Со почеток во 21 часот, платото пред МОБ се претвори во сцена достојна на најголемите културни метрополи. Под диригентската палка на австрискиот маестро Винценц Праксмарер, оркестарот на МОБ – составен од дури 80 музичари – изведе раскошен репертоар од најпознатите дела на Штраус.
Посебен сјај на вечерта ѝ дадоа вокалните настапи на истакнатите солисти Бригита Симон и Иван Наумовски, чии изведби беа пречекани со воодушевување од публиката. Концертот понуди вистинско патување низ романтиката и елеганцијата на виенската класика, пренесена со автентичност и страст.
Задоволната публика ги награди изведувачите со бурен и долготраен аплауз, по што следуваа три бис изведби – безвременските „На убавиот сини Дунав“ и „Радецки марш“ на Штраус, како и македонската народна песна „Јовано Јованке“, која предизвика особени емоции и силна поврзаност меѓу уметниците и присутните граѓани.
Настанот се одржа во соработка со Австриската амбасада во Скопје, а во неговата реализација учествуваа и бројни институции и партнери од приватниот сектор. Концертот беше директно пренесуван на МРТ1, што овозможи илјадници граѓани од целата земја да бидат дел од ова културно доживување.
Публиката, која во голем број се собра на плоштадот, со громогласен аплауз ја потврди потребата и желбата за вакви отворени, достапни настани што ја слават класичната музика и културната соработка.
Со овој концерт, МОБ уште еднаш докажа дека е не само темел на националната културна сцена, туку и институција која со гордост го поврзува македонскиот и европскиот музички идентитет.