Граѓаните на Македонија утре ќе се соочат со пеколно топол ден, но веќе од среда навечер следува драстична промена на времето, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Вторникот ќе биде сончев и исклучително жежок, со температури кои на места ќе достигнат до 41 степен Целзиусов. Ќе дува умерен до повремено засилен ветер од југозападен правец, со налети и над 60 км/час, а во попладневните часови можни се изолирани врнежи и грмежи.
Сепак, топлото време нема да трае долго – веќе од среда навечер и особено во текот на четврток се очекува продор на значително посвежа воздушна маса од север, со што температурите ќе паднат за 8 до 10 степени. Ќе дува засилен северен ветер, а во северните и централните делови од земјата се очекува повремен дожд и локална нестабилност.
Во петок остануваат услови за локални поројни врнежи и грмежи, но викендот ќе донесе стабилизација на времето. Очекувајте сончево време со мала до умерена облачност и постепен пораст на температурите.
Во Скопје, утре максималната температура ќе достигне 41 степен, но веќе од четврток ќе се почувствува позабележително освежување.
Надлежните апелираат на внимателност при изложување на сонце, како и следење на метео предупредувањата во текот на неделата, поради потенцијални локални невремиња.