Македонија

Уште две лами угинале во Зоолошката градина Скопје

Уште две лами угинале во Зоолошката градина Скопје

Советникот во Град Скопје, Стефан Кирков, синоќа овјави дека пред четири до пет дена угинале две лами, што, како што тврди, раководството се обидува да го сокрие од јавноста.

Со ова, вкупната бројка на угинати лами се искачува на најмалку четири во изминатите шест недели, вели Кирков.

Тој потсетува дека и пред нешто повеќе од еден месец биле пријавени два слични случаи со истата симптоматика. Според неговите тврдења, животните подолго време покажувале знаци слични на туберкулоза, но вработените, наводно, без заштитна опрема биле принудени да влегуваат во живеалиштето на ламите.

Кирков дополнително обвинува дека од страна на раководството било наредено случајот да не се пријави во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), и бара институционална одговорност од актуелниот директор Горан Попов, т.н. „директор во сенка“ Петар Стаменов и од градоначалничката Данела Арсовска. Според него, од доаѓањето на Арсовска на функцијата, во Зоолошката угинале над 40 егзотични животни, дел под, како што ги нарекува, „сомнителни околности“.

Овие тврдења доаѓаат неколку месеци по случајот кога официјално беше потврден случај на туберкулоза кај лама во Скопје, по што надлежните инспекции наложија дополнителни биосигурносни мерки и тестирања.

Засега од Зоолошката градина во Скопје нема официјална потврда или реакција на изнесените обвинувања.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни