Градоначалникот на Општина Чучер Сандево, Саша Коменовиќ, на својот фејсбук профил објави дека едно лице побарало лекарска помош како последица од вдишување чад за време на гаснењето на пожарот кој денеска трет ден е активен на подрачје на општината, како и дека седум викенд куќи биле опожарени на местото Голиево.
-Од пожаров кој трае веќе трет ден на подрачје на општина Чучер Сандево имаме едно лице кое побарало лекарска помош како последица од вдишување на чад и седум опожарени викенд куќи на местото викано Голиево, вели Комненовиќ.

Од МВР исто потврдија за опожарените куќи:
-На 07.07.2025 во 19 часот во СВР Скопје е пријавено дека во с.Голиево, скопско, настанал пожар, при што опожарени биле три куќи, помошна просторија, гаража, ниви со жито, садници и други предмети. Повредени лица нема. Пожарот е изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита Скопје, велат од МВР.
Утрово во своја изјава, директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов рече дека „не е точна веста дека во текот на вчерашниот ден некои манастири или цркви биле во близина на пожарот, и не е точно дека има изгорени куќи“.