Македонија

Мицкоски: Не е проблем бугарското малцинство, туку обидите за бришење на македонскиот идентитет

Мицкоски: Не е проблем бугарското малцинство, туку обидите за бришење на македонскиот идентитет

По изгласувањето на извештајот за Македонија во Европскиот парламент, од кој беа избришани македонскиот јазик и идентитет, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одржа прес-конференција на која остро реагираше на одлуката.

Мицкоски порача дека бугарското малцинство не претставува никаков проблем за Македонија и дека суштината на спорот е многу подлабока. „Тие неколку стотини луѓе кои се чувствувале како Бугари, дали биле во уставот или не, не се никаков проблем. Уште утре можеме да ги внесеме, но суштината е многу подлабока од тоа и јасно се виде со овие чекори кои ги презема нашиот источен сосед низ европските ходници,“ изјави тој. Мицкоски потсети дека останува запишано дека европскиот извештај со македонски идентитет и македонски јазик помина на Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент, пред да биде изменет со, како што го нарече, „срамен амандман“ на пленарната седница.

Во продолжение, Мицкоски ја обвини Бугарија за долгорочна и јасна агенда против македонската нација и идентитет. „Историски гледано, уште од крајот на 19. и 20. век, јасно е дека тие имаат план и се водени од мислата да ја уништат македонската нација и идентитет,“ рече тој. Мицкоски нагласи дека иако некои се скептични и велат дека не е важно што се „разголени“ намерите на Бугарија, важно е светот да види со какви предизвици и неправди се соочува Македонија во 21. век.

„Не треба никому да му биде гајле, туку нам да ни е грижа да види светот, да видат народите од светот со какви предизвици и неправди се соочуваме како држава и народ,“ истакна Мицкоски.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни