Основниот кривичен суд Скопје му одреди мерка куќен притвор на првоосомничениот во случајот со нападот врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Обвинителството не е задоволно од одлуката и најави дека ќе вложи жалба, барајќи ефективен притвор поради ризиците кои беа наведени во првичното барање – опасност од повторување на делото и можност за бегство.
За второосомничениот, судот ги прифати предложените мерки на претпазливост, кои вклучуваат забрана за приближување и контакт со градоначалничката, забрана за напуштање на живеалиштето, одземање на патната исправа и редовно јавување во суд.
Според информациите од Основното јавно обвинителство Скопје, двајцата осомничени се гонат за кривично дело Насилство по член 386 став 3 од Кривичниот законик. Инцидентот се случил вчера, кога градоначалничката заедно со градски служби излегла на терен по пријава за нелегален објект во изградба на ул. „Севастополска“.
Првоосомничениот, кој се претставил како сопственик на објектот, најпрво упатувал груби навреди и закани, а потоа ја нападнал Арсовска физички. Вториот осомничен се приклучил со вербални закани по интервенцијата на вработените во градот и припадници на МВР. Обвинителството посочи дека чинот на насилство создал чувство на страв и несигурност кај присутните.
Одлуката на судот за куќен притвор, според обвинителството, не одговара на сериозноста на делото. Жалбата ќе биде поднесена во најкус можен рок со цел, како што велат од ОЈО, да се обезбеди ефикасна заштита на жртвите и јавниот ред.