Македонија

Американската православна црква го прифати канонскиот статус на МПЦ-ОА

Американската православна црква го прифати канонскиот статус на МПЦ-ОА

Православната црква во Америка (OCA) официјално го прифати канонскиот статус на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и воспостави потполно евхаристиско единство со нејзините епископи, свештеници и верници.

Одлуката беше презентирана од Архиепископот Вашингтонски и Митрополит на цела Америка и Канада, г.г. Тихон, во неговиот извештај од 15 јули 2025 година, поднесен пред 21. Сеамерикански црковен собор кој се одржува оваа седмица во Феникс, Аризона – пренесе Литургија.мк.

Одлуката на OCA следи по официјалната препорака на Српската православна црква. Српскиот патријарх г.г. Порфириј, во писмена комуникација до митрополитот Тихон, побара Православната црква во Америка да ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА, во согласност со Томосот што ѝ беше доделен од СПЦ.

Според објавеното, веќе се планира заедничка литургија помеѓу архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и митрополитот Тихон. Сослужувањето ќе се одржи во катедралниот храм „Свети Никола“ во Вашингтон, а ќе има свечен карактер.

„Ова сослужување ќе биде крунисано со официјално признавање на автокефалноста на Македонската православна црква, која го зазема своето место покрај Православната црква во Америка како целосно автокефална помесна православна црква,“ се наведува во официјалното соопштение на Православната црква во Америка.

Овој чекор претставува уште една важна потврда на меѓународното црковно прифаќање на МПЦ-ОА и нејзиниот статус како рамноправна членка на православното семејство на помесни цркви.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни