Македонија

Пред очи ни умира езерото „Младост“, квалитетот на водата полош од лани, забрана за наводнување, капење и рекреација

Пред очи ни умира езерото „Младост“, квалитетот на водата полош од лани, забрана за наводнување, капење и рекреација

Комисијата за следење на состојбата со водата во велешкото езеро „Младост“ на денешната седница повторно ги усвои веќе изгласаните мерки за санација и заштита на езерото, кое и понатаму е под целосна забрана за капење, наводнување и рекреација. Забраната останува во сила поради присуството на опасни цијанобактерии и потенцијално токсични материи, согласно препораките на Центарот за јавно здравје донесени на почетокот на месецот.

Како што изјави за МИА Димитар Абрашев, член на Комисијата, мерките се итни и мораат веднаш да се применат, бидејќи „езерото изумира“. Меѓу главните активности што се предвидуваат се:

чистење на коритото на Отовичка Река;

отстранување на наслагите;

бушотини кај Рудничка Река со цел обезбедување свежа вода;

реконструкција на колекторскиот систем и шахтите за да се спречи натамошно загадување.

Дополнително, беше потенцирана потребата од довршување на цевководот кој треба да го поврзе езерото „Лисиче“ со езерото „Младост“ во должина од околу 6 километри – проект за кој Владата, како што беше посочено на состанокот, веќе дало ветување дека ќе се реализира.

– Голем дел од мерките требаше одамна да бидат спроведени. Се надевам дека до следната месечна седница конечно ќе имаме конкретни активности на терен, наместо само да ја констатираме влошената состојба, рече Абрашев.

Претставниците на Центарот за јавно здравје денеска изнесоа загрижувачки податок – состојбата со квалитетот на водата ова лето е уште полоша од минатата година. Забраната ќе остане на сила сè додека не се изврши стручна анализа што ќе покаже дека водата е безбедна и не содржи токсични материи.

Велешани, кои со години езерото „Младост“ го сметаат за омилено место за разладување и рекреација во лето, се длабоко разочарани што веќе второ лето по ред не можат да уживаат во капење, спортување и прошетки покрај водата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни