Македонија

Државниот врв со честитки за Илинден: Денот на Републиката е симбол на слобода, обединување и одговорност кон иднината

Државниот врв со честитки за Илинден: Денот на Републиката е симбол на слобода, обединување и одговорност кон иднината

По повод 2 Август – Илинден, големиот државен празник, претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши и премиерот Христијан Мицкоски упатија пораки за честитки до граѓаните, истакнувајќи ја историската, но и современата важност на овој ден.

Претседателката Сиљановска-Давкова порача дека Илинден е повеќе од празник – тоа е сржта на македонската историја, срцето на Републиката и душата на државноста.

„Илинден е тежок и прекрасен ден, ден на неизмерна тага и радост, но и ден на болка и гордост!“, истакна таа, потсетувајќи на двата Илиндена – Крушевскиот од 1903 и АСНОМ-скиот од 1944 година – како симболи на ослободителниот стремеж и конституирањето на современата државност.

„Републиката не се наследува, туку се изборува и заслужува. Илинден нè обврзува да создадеме држава во која вреди да се живее“, порача Сиљановска, додавајќи дека овој ден е и тивка заклетва пред великаните Никола Карев, Питу Гули, Даме Груев и Гоце Делчев дека нивната жртва нема да биде заборавена.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, подвлече дека 2 Август е симбол на историската борба за слободно, еднакво и демократско општество и потсетник дека тие вредности и денес се темел на нашето заедништво.

„Нека овој ден биде поттик за размислување за заедничкиот пат што го изградивме како држава и како општество, како и за понатамошно охрабрување на меѓусебното разбирање, соработка и посветеност кон доброто на татковината – без разлика на етничките, верските или политичките разлики“, порача Гаши.

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека Илинден е вистината за Македонија која живее – не само историја, туку жив идентитет и потсетник на стремежот за слобода, правда и сопствена држава.

„Тој стремеж денес е остварен, но не и завршен. Затоа, Илинден не е само повод за чествување, туку и за одговорност“, нагласи премиерот, потенцирајќи дека институциите, особено Владата, имаат должност да ја продолжат борбата од Крушево и АСНОМ – со чесност, резултати и грижа за граѓаните.

„Илинден нè обединува околу идејата за држава што ги надминува поделбите. Да извлечеме сила од историјата и да ја претвориме во иднина. Да ја продолжиме борбата, но со знаење, визија и одговорност“, изјави Мицкоски.

Државниот врв едногласно испрати порака за единство, продолжување на патот кон просперитет и европска иднина и заложба за современа држава изградена врз историските темели на слободарскиот дух и народната волја.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче во изјава за медиуми го честиташе празникот Илинден од историското и храбро Крушево, од каде што тргна револуцијата, од каде што тргна големата борба, епопејата за слободна, независна држава.

„Денеска ги славиме и двата Илиндени, и тој од 1903-та и тој од 1944-та и АСНОМ.

Мора прво да се присетиме и да оддадеме признание на сите жртви коишто со својата крв, со својата жртва се вградија во темелите на нашата модерна држава. Тие ја започнаа борбата за да од една сиромашна, полуфеудална и неразвиена земја ние сега живееме денеска во модерна и развиена држава.

Меѓутоа мора да признаеме дека нашата мирновременска борба не е завршена, дека мораме уште многу напорно да работиме, да конечно станеме дел од Европа каде што припаѓаме, и цивилизациски, и културно, и географски. 

Сите заедно мора да работиме и да ги оставиме настрана и поделбите и квалификациите на патриоти и предавници, затоа што вистински патриотизам е само унапредување на нашата држава“, рече Филипче.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни