Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија се залага за сигурни безбедносни гаранции за Украина, но во исто време се надева дека САД разбираат дека секоја дискусија за безбедносни прашања без учество на Москва е „пат кон никаде“, пренесува Ројтерс.
Според него, САД покажуваат сè појасно разбирање за „коренските причини“ на украинската криза.
Лавров се осврна и на улогата на Европа, критикувајќи ги, како што ги нарече, „несмасните“ обиди да се влијае врз ставот на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина. Тој предупреди дека Европската Унија само се обидува „агресивно да ја ескалира ситуацијата во Украина“ и тврдеше дека европските претставници не презентирале никакви „конструктивни“ идеи на средбата со Трамп.
Тој додаде дека Русија треба да обезбеди безбедносни гаранции за Украина.
Русија тврди дека освоила три нови населби во источна Украина
Руските сили зазедоа три нови населби во источна Украина, објави руското Министерство за одбрана. Веста ја објави државната новинска агенција РИА, наведувајќи дека станува збор за населбите Новохеорхиевка, Панкивка и Сухетске.

Освојувањето на нови територии се одвива како дел од обновената летна офанзива во која Русија полека остварува територијални придобивки на истокот од земјата. Воените аналитичари сметаат дека со ова напредување, силите на Москва се обидуваат да освојат што е можно повеќе територија пред евентуалните мировни преговори. Според нивните проценки, целта е да се зајакне преговарачката позиција во разговорите што би можеле да вклучуваат размена на територии.