Над 140 милиони денари ќе треба да им бидат вратени на граѓаните кои користеле потрошувачки кредити од финансиски друштва. Државниот пазарен инспекторат утврдил низа незаконитости при контролите на сите 27 финансиски друштва во земјава, а со мерките се опфатени повеќе од 26.000 граѓани.
Инспекциските надзори биле спроведени во изминатите три месеци, а при контролите кај 18 финансиски друштва биле откриени нечесни трговски практики и незаконски одредби во договорите за потрошувачки кредити. За утврдените прекршоци биле изречени законски мерки и издадени прекршочни платни налози во вредност од над 3,5 милиони денари.
Дополнително, кај 12 финансиски друштва било утврдено незаконско наплаќање на известувања и опомени за граѓаните кои доцнеле со отплата или не ги подмирувале кредитните обврски.
По анализата на документацијата, Инспекторатот донел решенија со кои им наложил на финансиските друштва да ги вратат незаконски наплатените средства. Вкупниот износ надминува 140 милиони денари, а роковите за постапување се движат од 30 до 90 дена, зависно од бројот на засегнатите потрошувачи.
Неправилности биле откриени и кај две финансиски друштва во делот на сметководствената евиденција, за што е известено Министерството за финансии, кое треба да преземе понатамошни активности.
Од Државниот пазарен инспекторат најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период. Истовремено, апелираат до финансиските друштва да ги почитуваат законските прописи и да работат транспарентно, додека граѓаните ги повикуваат внимателно да ги проверуваат договорите за кредит и сите дополнителни трошоци пред да се задолжат.