Свет

НОВИ ПРАВИЛА ЗА ПАТУВАЊЕ ВО ЕУ ОД 12 ОКТОМВРИ: БЈБ најавува онлајн апликации, се очекуваат гужви на границите

НОВИ ПРАВИЛА ЗА ПАТУВАЊЕ ВО ЕУ ОД 12 ОКТОМВРИ: БЈБ најавува онлајн апликации, се очекуваат гужви на границите

Македонските граѓани кои патуваат во Европската Унија ќе се соочат со нови правила за влез од 12 октомври годинава, кога се очекува да стартува новиот Систем за влез/излез (EES). Од Бирото за јавна безбедност (БЈБ) најавуваат дека ќе ги информираат граѓаните навремено за да се избегнат застои, но предупредуваат дека најголем предизвик ќе бидат патните премини кон нашите соседи, членки на ЕУ.

Директорот на БЈБ, Александар Јанев, денеска изјави дека се во постојана комуникација со европските партнери за да се олесни процесот за македонските граѓани.

„Според сегашната регулатива, оваа апликација ќе биде онлајн, сето тоа ќе одзема време, ќе биде кратко, но ќе биде со важност од две години. Такви се првичните најави, но кога ќе ги добиеме официјалните информации од ЕУ, ќе бидат споделени со граѓаните“, рече Јанев.

Тој нагласи дека најголем проблем може да се појави на граничните премини со Грција и Бугарија и дека обврска на МВР е целосно да ги информира граѓаните за процедурите.

Според последните информации, Системот за влез/излез (EES) ќе започне со постепена имплементација во 29 европски земји од 12 октомври, а неговата целосна примена, со електронско пресметување на деновите на престој, се очекува од 10 април 2026 година.

Важно е да се напомене дека овој систем е различен од системот ETIAS, за кој од Европската Унија информираат дека во овој момент не е потребна никаква акција од страна на патниците. Датумот за почеток на ETIAS ќе биде дополнително објавен неколку месеци пред неговото стапување во сила.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни