Трагедијата во Велес добива нова, скандалозна димензија откако Основниот суд во Велес денеска официјално соопшти дека И.С., човекот кој во понеделникот ја уби својата поранешна партнерка Р.К. и нејзиниот татко, бил осуден за насилство и закани кон неа само пет дена пред да го изврши злосторството. Наместо ефективна затворска казна, судот му изрекол само условна осуда, а по предлог на Обвинителството, му биле укинати и дел од мерките за претпазливост, вклучително и забраната за напуштање на живеалиштето.
Според соопштението на судот, на 10 септември 2025 година, И.С. бил прогласен за виновен за кривичните дела „Загрозување на сигурноста“ и „Насилство“, кои се однесувале на настани од февруари и март годинава во кои жртви биле Р.К. и нејзиниот пријател И.М.. За овие дела, судот му изрекол условна осуда – казна затвор од 1 година и 4 месеци, која не би се извршила доколку тој не стори ново кривично дело во рок од 3 години.
Уште пошокантно, на истиот ден, судот донел решение со кое му ги укинал мерките „забрана за напуштање на живеалиштето“ и „обврска за јавување во полициска станица“. Оваа одлука, како што се наведува во соопштението, била донесена по предлог на Јавниот обвинител и со согласност на бранителот. Единствена мерка што останала на сила била забраната за приближување до жртвата Р.К. и нејзиниот пријател И.М..
Само пет дена по оваа судска одлука, на 15 септември, И.С. ја прекршил мерката за забрана на приближување и ги извршил убиствата, по што си го одзел и сопствениот живот.
Ова официјално соопштение од судот е најконкретниот доказ досега за целосен институционален потфрлаж и отвора сериозни прашања за одговорноста на судството и обвинителството, кои и покрај историјата на насилство, не изрекле мерки кои реално ќе го спречеле убиецот и ќе го заштителе животот на жртвата.