Припадници на Безбедносно-разузнавачката агенција (БИА) во заедничка операција со Полициската управа Смедерево во Велика Плана уапсија група која оставала свински глави во Берлин и Париз.
Според соопштението на Министерството за внатрешни работи, уапсени се Ф.П, Н.Ќ, А.С, А.Б, Ѓ.П, С.П, Н.Ж, Н.Д, А.М, Н.С. и Д.М. од областите Велика Плана и Белград, а поради постоење основи на сомнение дека сториле кривични дела здружување со цел извршување кривични дела, расна и друга дискриминација и шпионажа.
„Постојат основи за сомнение дека М.Г., кој е во бегство, постапувајќи по упатства на странска разузнавачка служба, организирал и обучил група српски државјани на територијата на Република Србија – Д.М, Б.Ѓ, П.Ѓ, Н.Ќ, А.С, Д.М, Ф.П, А.Б, Ѓ.П, Н.Ж, С.П, Н.С, Н.Д. и А.М, кои, со помош на К.С, имале за цел да ги прекршат основните човекови права и слободи гарантирани со општоприфатените правила на меѓународното право и ратификуваните меѓународни договори на територијата на Франција и Германија, врз основа на разлики во расата, бојата на кожата, верската припадност, националноста и етничкото потекло“, се наведува во соопштението.
Тие додаваат дека нивната цел била и да шират идеи што заговараат и поттикнуваат омраза, дискриминација и насилство врз основа на разлики во гореспоменатите лични карактеристики на одредени групи луѓе.
„Тие ги извршија овие активности помеѓу април и септември 2025 година, со фрлање зелена боја врз Музејот на холокаустот, неколку синагоги и еврејски ресторан, со лепење налепници со „геноцидна“ содржина, со поставување свински глави во близина на муслимански верски објекти, сите во областа на Париз, како и пред Бранденбуршката порта во Берлин, со поставување бетонски „скелети“ со напишани пораки“, се вели во соопштението на МУП.
Осомничените ќе бидат испрашани во законскиот рок од 48 часа во Вишото јавно обвинителство во Смедерево.