Исламската верска заедница добила дозвола за изградба на нов административен објект во околината на Скопското Кале. Од ИВЗ велат дека станува збор за резултат на долгогодишни заложби и најавуваат дека новото седиште ќе ги обедини дирекциите и административните единици на Ријасетот.
Во соопштението на Заедницата се наведува дека реализацијата на проектот е резултат на ангажманот на поглаварот, реис ул-улема Шаќир Фетаи, со поддршка од муфтиите, нивните муфтиства, органите на ИВЗ, Факултетот за исламски науки, „Иса Беу Медреса“, вработените во Ријасетот, имамите и верниците.
Посебна благодарност упатуваат и до претставниците на владејачката албанска коалиција Вреди, за нивната заложба и поддршка во реализацијата на проектот.
Од ИВЗ посочуваат дека новиот административен објект ќе претставува инвестиција во модернизацијата на институцијата, како и во подобрувањето на услугите за верниците и поширокото општество.
Темата за изградба на објект на оваа локација беше актуелна и во 2019 година, кога тогашното раководство на ИВЗ, предводено од Сулејман Реџепи, јавно говореше за проблемите со денационализацијата и враќањето на верскиот имот.
Според тогашните информации на Заедницата, биле поднесени околу 350 барања за денационализација, од кои биле решени само 40 проценти, додека останатите биле предмет на спорови.
Едно од барањата на тогашното раководство било државата да додели земјиште во близина на Француските гробишта, во околината на Скопското Кале, за изградба на резиденција со придружни објекти за поглаварот. Од ИВЗ тогаш изјавија дека биле подготвени да го откупат земјиштето.
„Тоа ветување ни беше дадено од претходната влада, но во меѓувреме му го продадоа на бизнисменот Орце Камчев и на групацијата МПМ. За таа цел ние дадовме свои средства, 80 илјади евра за урбанизација на тој дел, со барање за промена на урбанистичкиот план на Општина Центар. Поглаварот Реџепи нема резиденција, за разлика од поглаварите на другите верски заедници во земјава“, изјавија тогаш од ИВЗ.
Покрај административниот објект во близина на Скопското Кале, од ИВЗ најавија и поставување камен-темелник за изградба на спортска сала во Исламската гимназија „Иса Беу Медреса“ во Кондово, Општина Сарај.