Стејт департмент: Македонија има потенцијал за инвестиции, но корупцијата и регулаторната нестабилност остануваат предизвици

Американскиот Стејт департмент во својот извештај за инвестициската клима за 2025 година оценува дека водењето бизнис во Северна Македонија е генерално лесно, а законската рамка е во голема мера усогласена со меѓународните стандарди. Сепак, корупцијата и недоследното толкување на правилата продолжуваат да претставуваат сериозен предизвик.

Големите странски компании, особено оние што работат во Технолошките индустриски развојни зони (ТИРЗ), пријавуваат позитивни искуства и добри односи со владини претставници. Земјата, кандидат за членство во ЕУ од 2005 година и членка на НАТО од 2020 година, останува отворена за американски инвестиции, особено во области како дигитализација и зелена енергија.

Извештајот посочува дека, иако Владата има најави за промовирање нови инвестиции, во 2024 година акцентот беше ставен на енергетска ефикасност, социјална помош и ублажување на инфлаторните притисоци. Сепак, беа реализирани значајни проекти во транспортната и енергетската инфраструктура со поддршка на странски компании.

Во делот за корупција, Стејт департментот нотира дека Државната комисија за спречување на корупција отвори повеќе истраги, вклучително и против високи функционери, но дека мал дел од нив завршиле со кривично гонење. Северна Македонија е рангирана на 88-то место од 180 земји на Индексот на перцепција на корупцијата во 2024 година.

Како позитивни аспекти за инвеститорите се наведуваат и стратешката локација на земјата на паневропските транспортни коридори VIII и X, што обезбедува поблиска позиција до европските пазари.

Во 2023 година економскиот раст беше забавен поради високите цени на енергијата, инфлацијата и нарушените синџири на снабдување. И покрај владините мерки, БДП порасна само за 2,2% во 2024 година, а реалниот БДП се проценува на 12 милијарди долари. Стапката на невработеност во вториот квартал од 2024 година беше 12,5%. Владата, преку својот План за забрзување на растот, има поставено цел за удвојување на растот на БДП на 5% годишно, креирање 156.000 нови работни места и намалување на невработеноста на 8,6% до 2026 година.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.