Свет

Зеленски: Светот мора соодветно да одговори на руското војување

Зеленски: Светот мора соодветно да одговори на руското војување

Еден ден откако руските сили извршија масовен ракетен и беспилотен напад врз украинската енергетска инфраструктура, Киев го возврати ударот. Трафостаници, рафинерии и термоцентрали во Русија на удар на укарински дронови. Светот мора соодветно да одговори на руското војување, изјави претседателот Зеленски.

„Намалувањето на увозот на руската нафта е намалување на руските воени напори и не смее да има исклучоци за никого, вклучително и за Унгарија. И ако санкциите се одржат и зајакнат, Русија ќе изгуби најмалку 50 милијарди долари следната година. Ова може да биде силен аргумент за Русија да има мотив да ја заврши оваа војна“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Унгарскиот премиер вели дека ќе се обиде да обезбеди ослободување за Унгарија од новите американски санкции за руската нафта за време на посетата на Вашингтон следната недела.

„Во Унгарија се потпираме на одредени правци за транспорт на енергија. Тоа се претежно цевководи. Мора да ги користиме цевководите или нема да имаме енергија. Мора да им дадеме до знаење на Американците за оваа ситуација ако сакаме исклучоци од санкциите на САД врз руската енергија“, изјави Виктор Орбан, премиер на Унгарија.

Путин може да се соочи со уште построги мерки, доколку Москва не се согласи на прекин на огнот, вели американскиот амбасадор во НАТО.

„Претседателот Трамп ќе продолжи да врши притисок. Тој ќе продолжи да прави што е потребно за да ја натера Русија да седне на маса. Би предложил дека сега е време Русија да склучи прекин на огнот и да почне преговори за мировен договор“, нагласи Mетју Витакер, амбасадор на САД во НАТО.

Војната не покажува знаци дека наскоро ќе заврши, цивилните жртви се зголемиле за 30% во споредба со изминатата година, велат од ООН.

„Нападите со беспилотни летала се зголемуваат. Она што ме загрижува е зголемениот воен притисок и нападите по должината на фронтовската линија со што евакуациите се зголемуваат“, рече Матијас Шмале, помошник генерален секретар на ООН.

САД го откажаа планираниот самит меѓу претседателот Трамп и рускиот претседател Путин поради цврстата позиција на Русија околу нејзините барања поврзани со Украина, објави „Фајненшел Тајмс“. Од Кремљ велат дека јавноста не треба да се фокусира на извештаи од весниците.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни