Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на три клучни членови од Деловникот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), со кои членовите си пропишале право на месечен надоместок-паушал, дневници, патни трошоци, па дури и услови за престанок на мандатот.
Судот, постапувајќи по сопствена иницијатива, основано го поставил прашањето дали овие одредби се во согласност со Уставот и со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Што е спорно?
Според решението на Уставниот суд, спорни се членовите 11, 12 и 18 од Деловникот на РСБСП, донесен на 30 јануари 2024 година.
- Член 11 утврдува дека членовите на Советот имаат право на месечен надоместок – паушал. Дополнително, тие имаат право и на надомест за учество на состаноци на работни тела, патни трошоци и дневници.
- Истиот член му дава право на Претседателот на Советот на трошоци за репрезентација и користење на службено возило.
- Член 18 му овозможува на Советот да ангажира свои членови или надворешни експерти за одделни задачи, кои за тоа примаат надоместок.
- Член 12 ги уредува статусни прашања, односно случаите кога на член на Советот му престанува мандатот (оставка, смрт, правосилна пресуда за кривично дело или неоправдано отсуство подолго од шест месеци).
Образложение на Уставниот суд
Уставниот суд во своето образложение наведува дека овие прашања се „законска материја“ (materia legis) и можат да бидат уредени исклучиво со Закон донесен од Собранието, а не со подзаконски акт како што е Деловникот на Советот.
Судот потсетува дека Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (член 373) го овластува РСБСП да донесе деловник, но само за поблиску да ги определи своите задачи и начинот на работа, а не да уредува статусни прашања или да воспоставува нови финансиски права.
Во одлуката се наведува дека Законот изречно не предвидува право на парични надоместоци за членовите на Советот.
Според Уставен, со изворното уредување на овие прашања со подзаконски акт, Републичкиот совет „излегол од законските рамки“ и се вмешал во надлежностите на законодавната власт (Собранието). Ваквото постапување, според Судот, ги повредува темелните вредности на уставниот поредок – владеењето на правото и поделбата на државната власт.
Со поведувањето на постапката (донесена на 15 октомври 2025 г.), Уставниот суд во наредниот период мериторно ќе одлучува дали овие членови од Деловникот на РСБСП ќе ги укине или поништи.