На денешното судење за трагедијата во дискотеката „Пулс“, обвинителот Борче Јанев го одржа воведното излагање во кое детално го опиша, како што рече, „непрекинот синџир на непостапување“ кој довел до смртта на 63 млади луѓе. На удар се најдоа сите институции, но особено — сопственикот на клубот, Дејан Јованов, кој според обвинението уште од 2012 година создал објект што, наместо ноќен клуб, бил „подготвена замка“.
„Безбедноста во Пулс не била компромитирана – таа никогаш и не постоела“, рече Јанев, истакнувајќи дека клубот функционирал со затворени излези, обложени токсични материјали, без противпожарен систем, аларми, прскалки или хидрантна мрежа.
Во обраќањето, обвинителот наведе дека токму Дејан и Михајло Јованов го договориле настапот на групата ДНК, вклучително и користењето пиротехника — пракса која според доказите се повторувала повеќе пати.
Токму тие опасни „фонтански уреди“, поставени на сцената од сега починатиот Мартин Атанасовски, биле искрата што го запалила плафонот обложен со високо токсичен сунѓер, материјал кој сопственикот го поставил „на своја рака“.
„Таму каде што требало да има безбедност, имало бензин“, рече Јанев.
Јанев детално опиша и дека објектот бил преполн — над 600 гости — во простор со дозволен капацитет далеку помал, при што обезбедувањето ангажирано од обвинетото правно лице „Рубикон“ не спровело ниту основна контрола на влезот, ниту проверка на опасни предмети.
„Во ниту еден момент немало грижа за безбедноста. Не виделе, не реагирале, не спречиле – затоа што никогаш не го ни правеле тоа“, потенцираше обвинителот.
Обвинителот оцени дека повеќе институции подолго време не реагирале на незаконското работење на клубот.
„Претходникот го учел следбеникот на молчење. Сите го наследувале и го прифатиле молкот како службен протокол“, рече тој.
Според него, ова не е случај на единечен пропуст, туку на заедничко и континуирано соизвршителство, бидејќи сите обвинети „дадoле свој особен придонес кон настапената ужасна последица“.
Во еден од најемоционалните моменти, Јанев рече:
„63 животи згаснаа. Тоа не се бројки. Тоа се имиња, семејства, недоживеани утра и празни домови.“
Обвинителството ќе настојува да докаже дека трагедијата можела да биде спречена доколку барем една институција или барем едно одговорно лице, вклучително и сопственикот Дејан Јованов, ја исполнело својата законска обврска.
„Ако Пулс ги исполнуваше стандардите, ако вратите беа проодни, ако материјалите не беа отровни – пожарот ќе беше инцидент, а не масовна гробница“, порача Јанев.