Со силно и детално образложено воведно излагање, обвинителот Борче Јанев денеска пред Судот го отвори главниот претрес за трагедијата во дискотеката „Пулс“, во која животите ги загубија 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени. Според него, ова не е случај на моментален пропуст, туку резултат на долготрајна институционална рамнодушност, непрекинат ланец на непостапување и потполно игнорирање на основните безбедносни стандарди.
Јанев истакна дека доказите недвосмислено покажуваат – безбедноста во „Пулс“ никогаш не постоела. „Оваа дискотека отсекогаш работела спротивно на секој стандард, на секој правилник, на секој закон и на секоја здраворазумна логика“, рече обвинителот, наведувајќи дека нема ниту еден доказ за дејствие на некое од одговорните лица кое би ја спречило катастрофата.
Во своето излагање обвинителот ги опиша и клучните безбедносни пропусти: целосно нефункционален противпожарен систем, недостиг на хидранти, прскалки, детектори и аларм; обложување на таванот со токсичен и лесно запалив материјал; затворени прозорци; опасна сценографија со пиротехника договорена уште пред настапот; и само еден излез за илјада посетители.
„Смртоносната стапица била поставена одамна. Таа вечер само се виде последицата“, кажа Јанев.
Тој посочи дека сите обвинети – сопствениците, обезбедувањето и надлежните институции – со години ја „наследувале и прифаќале тишината како службен протокол“. Според обвинението, непостапувањето е суштински дел од кривичното дело: секој од нив имал законска обврска да делува, а не ја извршил.
Обвинителот дополнително нагласи дека пиротехниката не била изненадување, ниту еднократна непромисленост – таа била вообичаен дел од настапите и однапред договорена со сопствениците Дејан и Михајло Јованов. Во услови на преполн објект и вградено опасно материјал, пожарот се проширил за неколку секунди.
„Не се тоа бројки. Тоа се имиња, семејства, недоживеани утра, празни столчиња… Затоа денес сме тука да прашаме, да именуваме и да бараме одговорност,“ заврши Јанев со јасна порака дека трагедијата е резултат и на активни дејствија и на долгогодишно игнорирање на правната должност.
Судењето продолжува со изведување на доказите, кои обвинителството уверува дека ќе ја прикажат вистинската слика за тоа што се случувало во „Пулс“ – и што со години не се преземало.