По воведниот говор на неговата одбрана, пред судот се обрати и Александар Нацев. Во емотивен и остар говор, тој ги отфрли сите обвинувања дека е реален сопственик на агенцијата „Рубикон“ и ја обвини државата за префрлање на вината врз него со цел да се скрие одговорноста на институциите.
Нацев го започна своето обраќање нагласувајќи дека подолг период бил цел на политизирани клевети и навреди, при што постојано била рушена презумпцијата на неговата невиност во јавноста.
Според Нацев, обвинението претставува „брутално силување“ на Законот за приватно обезбедување. Тој тврди дека одредени законски одредби се малициозно толкувани само за да ја поткрепат теоријата на Обвинителството.
„Пренасочувањето на одговорноста која ја имаат државните органи задолжени за превенција, надзор и контрола кон припадниците на обезбедувањето е само уште еден чекор за префрлање на вината“, изјави Нацев пред судот.
Тој упати директна критика кон конструкцијата на случајот, правејќи споредба со дистописките дела на познатиот писател Џорџ Орвел. Нацев најави дека во текот на судењето со непобитни докази ќе ја неутрализира ваквата слика и ќе докаже дека не постои никаква причинско-последична врска меѓу него и трагедијата во кабарето „Пулс“.
„Ќе го укажеме отсуството на било каква вина кај мене или каузална поврзаност со трагичниот настан, за време на чие случување јас воопшто не бев ни присутен во државата“, заклучи тој.