Свет

„Подгответе кибрити, вода, наполнете телефони“: Снежна апокалипса ги зафати Шведска и Финска – ветер носеше авион со 150 патници како да е од хартија

„Подгответе кибрити, вода, наполнете телефони“: Снежна апокалипса ги зафати Шведска и Финска – ветер носеше авион со 150 патници како да е од хартија

Моќната бура Јоханес го погоди северниот дел на Шведска преку ноќ, што ги натера властите да издадат серија предупредувања. Портокалово предупредување е издадено за бурни ветрови што покриваат речиси половина од земјата, додека ледените бури предизвикуваат проблеми и во Финска.

Снежни бури се очекуваат во планинските области, објавува шведскиот портал Omni. Шведскиот метеоролошки и хидролошки институт (SMHI) издаде портокалови предупредувања за силни ветрови, снег и намалена видливост за големи области на Норланд и северен Свеаланд, објавува весникот SvD.

Како резултат на бурата, планинските железнички линии се откажани, додека сообраќајот помеѓу Стокхолм и популарното скијачко одморалиште Оре е целосно прекинат. Проблеми има и со фериботскиот сообраќај.

Властите апелираа до граѓаните да ги одложат непотребните патувања, додека компаниите за електрична енергија го зголемија нивото на тревога за можни прекини на електричната енергија.

На граѓаните им се советува да ги полнат своите мобилни телефони, да ги обезбедат предметите на отворено што би можеле да бидат однесени од ветерот и да подготват свеќи и запалки.

  • Исто така, би било мудро да се обезбедат дополнителни резерви на вода, бидејќи во случај на прекин на електричната енергија, може да се прекине и снабдувањето со вода – изјави регионалната директорка Лена Берглунд во соопштението.

Синоќа, SMHI, полицијата и Шведската транспортна администрација упатија заеднички апел до жителите на погодените подрачја да избегнуваат патување додека не помине бурата.

Два авиона беа исфрлени од пистата на аеродромот Китила во северна Финска кога силни странични ветрови за време на зимска бура ги однесоа директно во снежен нанос. Инцидентот се случи во сабота попладне и првично предизвика загриженост за можна голема авионска несреќа.

Според финскиот весник Лапин Канса, алармот е подигнат околу 16 часот по локално време, а девет спасувачки екипи веднаш биле испратени на местото на настанот.

Како што потврдија спасувачките служби, патнички авион со околу 150 лица во него, како и помал авион со помалку од десет патници, се лизнале настрана за време на полетувањето поради екстремно силни налети на ветер и завршиле надвор од пистата, во длабок снежен нанос.

Клучната околност што ја спречи трагедијата беше фактот што авионите во тој момент беа со мала брзина, поради што, и покрај драматичните сцени на пистата, немаше повредени. Патниците и екипажот беа безбедно згрижени.

Аеродромот Китила беше веднаш затворен за секаков сообраќај, додека временските услови дополнително ја влошија ситуацијата. Зимската бура, која во Финска го доби името Ханес, погоди голем дел од земјата.

Според податоците објавени од финската јавна служба Yle, илјадници домаќинства низ Финска останаа без електрична енергија, а противпожарните и спасувачките служби се во целосна готовност поради паднати дрвја, снежни наноси и ветрови со сила на ураган.

Властите предупредуваат дека екстремните временски услови продолжуваат, апелирајќи до граѓаните и патниците да избегнуваат движење и патување додека не стивне бурата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни