Македонија

Колку чини дочек на Нова година во кафана, а колку дома?

Колку чини дочек на Нова година во кафана, а колку дома?

Дочекот на Новата година е секогаш поврзан со прашањето: „Каде и колку ќе не чини?“

Без разлика дали сте љубител на кафанската атмосфера со жива музика или претпочитате поинтимна домашна варијанта, трошоците за 2025 година покажуваат значителни разлики.

Дочек во кафеана/ресторан: Сè на готово, но со „солена“ цена

Оваа година, цените на ресторанските менија во Македонија бележат благ пораст. Најголемиот дел од кафаните нудат all-inclusive пакети кои вклучуваат храна (предијадење, главно јадење, десерт) и неограничен пијалак.

Просечната цена за кафана се движи од 2.500 до 5.000 денари по лице, додека пак во поелитните ресторани и хотели овие дочеци можат да достигнат и цени од 6.000 до 8.000 денари.

Во цената вклучено е вечера, неограничен пијалок, како и жива музика.

Сепак, тука има може да има и „скриени“ трошоци како што се такси превоз, нова облека, фризура или шминка.

Доколку не сакате класична вечера во ресторан, а сепак сакате да бидете во центарот на забавата, дочекот во кафуле или бар е најчестиот избор на помладите. Но, кај оваа опција правилата за резервација се поинакви.

Нова година во кафуле: Високи маси и задолжителни флаши

За разлика од рестораните каде се плаќа мени по лице, во кафулињата/дискотеки најчесто се закупува „висока маса“ или „сепаре“. Оваа година, условите за резервација на висока маса се движат со почетна цена од околу 6.000 денари, а еве што треба да знаете:

Резервацијата на масата најчесто е врзана со купување на барем една флаша алкохол (виски, вотка или џин). Цената од 6.000 денари обично го покрива најевтиниот пакет (на пример: флаша сок/кисела вода и флаша од одреден алкохолен пијалак).

Една висока маса обично собира од 4 до 6 лица. Тоа значи дека ако цената е 6.000 денари, трошокот се дели меѓу пријателите, што изнесува околу 1.000 – 1.500 денари по лице.

Во оваа цена најчесто не е вклучена храна. Некои кафулиња може да послужат само „грицки“ (кикирики, чипс) или мало ладно предјадење (даска), но фокусот е исклучиво на пиењето и музиката (диџеј или бенд).

Секоја наредна нарачана пијачка по трошењето на платената флаша се наплаќа по редовни или празнични цени, што може брзо да го зголеми крајниот трошок.

Предност: Одлична енергија, подинамична атмосфера и помала почетна цена доколку сте поголема група. Маана: Ограничен простор за движење и потреба претходно да вечерате дома.

Дочек дома: Контрола на трошоците и опуштена атмосфера

Домашниот дочек е традиционално поевтин, но бара повеќе планирање и работа. Трошокот зависи исклучиво од вашите желби – дали ќе подготвувате руска салата и печење или ќе нарачате кетеринг.

Просечен трошок за храна (за 4 лица) е околу 4.000 – 6.000 денари (што е околу 1.000 – 1.500 денари по лице). Ова вклучува месо, мезе, кифлички, пијалак и десерти.

Купувањето од маркет е драстично поевтино. Шише вино или друг пијалок во маркет чини трипати помалку отколку во ресторан.

Ако нарачате кетеринг пак, трошокот се зголемува за околу 30%, но сепак останува поевтин од кафана.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни