Македонија

Уставниот суд формираше два предмета за оспорени одредби од проектот „Сејф Сити“

Уставниот суд формираше два предмета за оспорени одредби од проектот „Сејф Сити“

Уставниот суд информира дека се формирани два предмета по поднесени иницијативи за оспорување на измени и дополнувања на Законот за прекршоци, кои се однесуваат на воспоставување и функционирање на електронскиот систем за надзор во сообраќајот, познат како проектот „Безбеден град – Safe City“.

Првиот предмет (У.бр.25/2026) се однесува на оспорување на одредби од Законот за прекршоци од 23 јануари 2026 година, меѓу кои се: член 4 став 5, член 5 став 3, член 8 глава 7-а, член 48-а („достава“), член 48-б („издавање на записник за сторен сообраќаен прекршок со сообраќаен патен налог“), член 7-б („прифаќање на одговорност за сторен прекршок“), член 48-в, член 48-г („неприфаќање на одговорност за сторен прекршок“) и член 15.

Иницијативата ја поднеле Зиадин Села, Илире Даути и Елми Азири. Тие наведуваат дека е спорно што законот на сите граѓани им наметнува обврска да поседуваат личен телефонски број и електронска адреса за комуникација во случај на прекршок. Дополнително, спорно е што во комуникацијата преку телефон или електронски систем не е предвидено почитување на член 7 од Уставот во делот на Законот за употреба на јазиците. Иницијаторите тврдат дека граѓаните не се ставени во иста положба бидејќи системот се спроведува само во Скопје, Тетово и Куманово, што ја става под поголема контрола албанската заедница во овие градови.

Вториот предмет (У.бр.26/2026) се однесува на оспорување на член 48-б, 48-в и 48-г од Законот за прекршоци. Иницијатор е Или Пачуку, кој посочува дека системот се применува само во Скопје, Куманово и Тетово, а не и на целата територија на државата. Според него, ова создава селективна примена и различен третман на граѓаните според географската локација. Исто така, тој ја критикува „пилот фазата“ на проектот како нејасна и временски неограничена.

Уставниот суд ќе ги разгледа поднесените иницијативи во согласност со законските процедури, а јавноста ќе биде информирана за текот на постапките.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни