Најновиот извештај на Државниот завод за ревизија за работата на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР) во 2024 година откри сериозни неправилности во управувањето со државните пари и имот. Од „невидливо“ земјиште вредно стотици милиони евра, до неплатен промет во владиното бифе, ревизорите нотираат низа законски прекршувања.
Владино бифе со „сопствени правила“
Ревизорите утврдиле дека во текот на 2024 година, во владиното бифе голем дел од времето не се издавале фискални сметки.
- Дневниот промет не се уплаќал редовно, туку на неколку месеци.
- Само во јуни 2024 година не се издавале ниту фискални сметки, ниту парагон блокови.
- Остварен е промет во готово од 18.146 евра, но уплатите биле нередовни и сомнително ниски.
„Исчезнат“ инвентар и храна од 136.000 евра
Пописната комисија открила фрапантни разлики помеѓу фактичката и сметководствената состојба:
- Кусок на ситен инвентар: Недостасува опрема во вредност од 68.400 евра (4,2 милиони денари).
- Минус во магацинот за храна: Утврден е кусок на прехранбени производи во вредност од 68.000 евра (4,1 милиони денари). За овие состојби не се преземени мерки за утврдување одговорност кај вработените.
Земјиште од 325 милиони евра се води „на слепо“
СОЗР не води соодветна евиденција за државното земјиште вредно неверојатни 325 милиони евра.
- Владата сè уште води како свој имот парцели кои одамна се продадени и на кои приватни фирми веќе изградиле објекти.
- За земјишта во Струмица, Кичево, Куманово и други градови, вредни 2,2 милиони евра, службата воопшто нема информации кој ги користи и дали се уште се во државна сопственост.
Возила на лизинг и застарена опрема
Ревизијата упатува остри критики и за возниот парк:
- Набавката на 45 автомобили на лизинг се вршела без економска анализа и без потврда дали тие возила навистина им се потребни на институциите.
- Дури 92% од опремата што ја поседува СОЗР е веќе отпишана и застарена.
- Стотици пумпи за вода и генератори набавени за поплавите во Стајковци биле поделени на институции и општини без соодветна документација.
Партиски ангажмани и фаворизирани фирми
Во СОЗР во 2024 година биле ангажирани 21 лице преку агенции за привремени вработувања, за што се потрошени над 53.000 евра. Дел од нив се поставени на раководни функции без соодветно образование и компетенции. Дополнително, ревизорите утврдиле дека тендерите за обезбедување на објектите биле наместени со фаворизирачки услови кои можеле да ги исполнат само одредени фирми.