Полицијата утрово спроведе детални проверки на возилата на паркингот пред судницата меѓу кои и на родителите на загинатите деца во трагедијата во Кочани. Дополнително, денешното рочиште беше прекинато бидејќи на еден од обвинетите му се влоши здравствената состојба.
Родителите на жртвите беа видно вознемирени од, како што велат, неочекуваниот третман од страна на полициските службеници. Еден од родителите за 4NEWS.mk го опиша моментот на претресот:
„Кога дојдовме ни проверуваа дали сме носеле бомби или некакви експлозивни направи, не знам зошто беше проверката. Ние сме тука за да го следиме судскиот процес и бараме правда. Полицајците имаа со себе и некој уред, претпоставувам беше некаков скенер и детектор“, ни рече еден од родителите.
Од Министерството за внатрешни работи ни ја потврдија акцијата, наведувајќи дека станува збор за безбедносни проверки.
„Почитувани, во врска со вашите прашања ве известуваме дека полициски службеници вршеа проверки на возилата кои беа во непосредна близина на судницата“, одговорија од МВР за 4news.mk.
Покрај тензиите надвор, проблеми имаше и внатре во судницата. Иако за денеска беше предвидено да бидат сослушани петмина сведоци, процесот мораше да биде прекинат.
Причината за одложувањето е влошената здравствена состојба на еден од обвинетите, на кого му се слошило за време на рочиштето. Поради ова, последниот сведок не успеа да го даде својот исказ и ќе биде дополнително сослушан на следното рочиште.