Македонија

Собранието го избра Гоце Наумовски за уставен судија

Собранието го избра Гоце Наумовски за уставен судија

Собранието денеска избра нов судија на Уставен суд на Република Северна Македонија, откако со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани пратениците ја поддржаа кандидатурата на Гоце Наумовски. По гласањето, Наумовски даде свечена изјава пред пратениците, обврзувајќи се дека функцијата ќе ја извршува совесно и одговорно и дека ќе ги почитува Уставот и законите.

Изборот следува по оставката на уставната судијка Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември минатата година се повлече од функцијата поради здравствени и лични причини.

Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје и надворешен соработник на премиерот Христијан Мицкоски од областа на правото. Тој е брат на поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Васко Наумовски.

Предлогот за негов избор го поднесе претседателот на собраниската Комисија за прашања за изборите и именувањата, Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој истакна дека Наумовски има импресивна биографија и кредибилитет за извршување на функцијата. Комисијата го утврди предлогот без дискусија и со мнозинство гласови.

Од СДСМ претходно оценија дека станува збор за кадровско решение од кабинетот на премиерот и обвинија за намера за контрола врз судството и обвинителството. Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека Наумовски не е партиски член, туку угледен професор, посочувајќи дека претходните предлози на СДСМ биле партиски решенија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни