Балкан

ВИДЕО Џиновска ајкула снимена во Јадранското море

ВИДЕО Џиновска ајкула снимена во Јадранското море

Во водите во близина на Црес, Хрватска оваа недела е забележан редок морски посетител – џиновска ајкула, вид кој се смета за втор најголем во светот.

Снимката ја добил Институтот „Син свет“, чии експерти, иако материјалот не бил целосно јасен, врз основа на карактеристичниот облик на грбната перка заклучиле дека најверојатно станува збор за видот Cetorhinus maximus.

Џиновската ајкула е веднаш по кит-ајкулата по големина и може да достигне должина од над десет метри. Станува збор за миграторен вид кој е целосно безопасен за луѓето, бидејќи се храни исклучиво со планктон. Храната ја собира со филтрирање на морската вода додека плива со широко отворена уста.

Иако се смета за редок вид, џиновската ајкула е постојано присутна долж источниот јадрански брег. Според Институтот, најмногу пријавени видувања има во северниот дел на Јадранот, вклучувајќи го и Кварнерскиот Залив, кој е познат по високата биомаса на зоопланктон – основен извор на храна за овој вид.

Експертите ја нагласуваат важноста на соработката со јавноста во следењето на морските видови. Според нив, секоја фотографија, пријава или податок придонесува за подобро разбирање и заштита на морскиот екосистем.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни