Македонија

Гитаристот Горан Тонев сведочеше: Капеа растопени сунѓери, не можев да дишам – пожарот започна над бината

Гитаристот Горан Тонев сведочеше: Капеа растопени сунѓери, не можев да дишам – пожарот започна над бината

Пред Судот сведочеше Горан Тонев, гитарист во групата ДНК и единствениот преживеан член на бендот, покрај придружниот вокал Ана Костадовска, која сведочеше претходно. Тонев во судницата се појави со видливи изгореници на лицето и вратот, како последица од пожарот.

Тој изјави дека околу една година и три месеци имал устен договор со Филип Стевановски да настапува како надворешен соработник и гитарист со дуото ДНК.

Според неговото сведочење, клавијатуристот Филип Стевановски бил задолжен за организацијата на музичарите, ги информирал каде и кога треба да пристигнат и ги координирал настапите.

Тонев посочи дека вечерта на 16 март пристигнал во објектот околу 22 часот заедно со тапанарот Ѓоко Ѓорѓиев. За време на техничката проба не забележал поставување пиротехника, но по нивното враќање на сцената таа веќе била поставена.

„И претходно понекогаш се користеа вакви пиротехнички средства“, изјави сведокот, додавајќи дека при пристигнувањето во објектот имало лица од персоналот и луѓе кои поставувале бинска и звучна опрема, но тие не биле дел од екипата на бендот.

Тој нагласи дека никој официјално не ги пречекал при доаѓањето и дека не му е познато со кого членовите на бендот договарале детали за настапот.

За време на настапите, како што рече, секогаш се наоѓал во задниот дел од бината, додека пиротехниката била поставена во предниот дел.

Според неговото сведочење, пожарот започнал директно над сцената.

„Се симнав по скалите и се упатив кон вратата. Од горе капеа жешки капки, беше екстремно топло, чадот беше густ и не можев да дишам“, изјави Тонев.

Тој објасни дека материјалот на таванот, кој наликувал на брановидни сунѓери како во музичките студија, почнал да се топи, при што токму тие растопени делови предизвикале дел од повредите.

Гитаристот сведочеше дека се здобил со изгореници на дишните патишта, десното уво, десната рака, лицето и грбот. Поради сериозноста на повредите бил лекуван во Солун и сè уште не е во можност да се врати на работа.

Во однос на пиротехниката, Тонев изјави дека претходно го видел Мартин како ја поместува, но критичната вечер не забележал кој ја поставувал.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни