Македонија

Стојаноски најави драстични казни и затворање на маркети кои профитираат преку „картелско здружување“

Стојаноски најави драстични казни и затворање на маркети кои профитираат преку „картелско здружување“

Трпението на државата кон трговците кои го изигруваат законот е при крај. Пратеникот Бојан Стојаноски во гостувањето на „Ноќно студио“ на 4TV.mk најави сериозна офанзива против нефер трговските практики, која вклучува десеткратно зголемување на казните и привремено затворање на објектите кои манипулираат со цените.

Стојаноски истакна дека досегашната практика на маркетите да објавуваат сложени и непрегледни табели со цени само за да ја исполнат законската форма веќе нема да поминува. Наместо тоа, државата ќе овозможи дигитална алатка преку која граѓаните на своите паметни телефони ќе можат да ја видат најниската цена за секој артикал.

  • Ригорозни санкции: Наместо досегашните ниски казни кои за големите маркети беа занемарлив трошок во споредба со профитот, новите казни ќе бидат за 10 пати повисоки.
  • Затворање на објекти: За оние кои упорно ќе продолжат со прекршоци, законот ќе предвиди мерка „затворање на маркетот“.
  • Стоп за картелите: Целта е да се оневозможи договореното држење високи цени (картелско здружување) и да се поттикне вистинска конкуренција за секој купувач.

Под лупа и производителите и добавувачите

Борбата против високите цени нема да запре само кај рафтовите во маркетите. Стојаноски најави дека детално ќе се испитуваат и влезните фактури кај добавувачите.

„Не се само трговците, туку и производителите и добавувачите. Ќе видиме кои се тие практики на изигрување на Законот за нефер трговски практики преку наплати за ‘маркетинг’ или измислени ‘консултантски услуги’,“ истакна тој.

Според Стојаноски, со нападот на овие негативни појави и воведувањето транспарентност каде е најевтино, маркетите ќе бидат принудени да се борат за потрошувачите со пониски цени, со што ќе се спречат идни ценовни шокови за граѓаните.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни