Пензионираниот полковник и поранешен шеф на воено разузнавање Горан Василевски смета дека Иран нема капацитет за војна на повеќе фронтови, но предупредува дека енергетската зависност на Европа може да биде нејзината најслаба точка.
Тој оцени дека иако воениот конфликт географски изгледа далеку, неговите економски рефлексии можат силно да го погодат европскиот континент.
Василевски ја поздрави изјавата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој за време на посетата на Скопје порача дека Алијансата ќе ја брани „секоја педа“ од територијата на земјите-членки.
„Ова е навистина охрабрувачка изјава за Македонија. Треба да се има предвид дека и заменик-генералниот секретар на НАТО е токму од Македонија, госпоѓата Радмила Шекеринска, што дополнително ја зацврстува нашата позиција во Алијансата“, истакна Василевски.
Според неговата анализа, директна воена закана за копнениот дел на Европа во моментов нема. Тој посочува дека Иран е воено ограничен и дека земјите-членки на НАТО во регионот, како Турција, Грција и Бугарија, поседуваат моќни противвоздушни системи кои не би дозволиле прелет на ирански проектили.
Сепак, главниот ризик лежи во економијата:
- Ормускиот Теснец: Низ него поминува една петтина од светската сирова нафта. Секој прекин на овој пат би предизвикал шок на пазарите.
- Енергетски капацитети: Иран е втора земја во светот по резерви на природен гас и трета по богатство на сирова нафта.
- Европскиот предизвик: Откако Европа се откажа од руските енергенси, секое нарушување на снабдувањето од Блискиот Исток може да биде „сериозен економски удар“.
Василевски упати критика до европските лидери за, како што вели, непримерно тивката реакција по ракетирањето на британските бази на Кипар.
„Европа покажа слаба волја за одбрана на своите територии во однос на случувањата во Иран. Иако Кипар е релативно блиску до воениот басен, на копнениот дел од Европа не верувам дека Иран воопшто би истрелал какви било проектири“, заклучува тој.