Македонија

Четврта жртва од западнонилска треска во земјава, 20 пациенти се хоспитализирани

Четврта жртва од западнонилска треска во земјава, 20 пациенти се хоспитализирани

Бројот на починати од западнонилска треска во земјава достигна четири, откако на Универзитетската клиника за инфективни болести починал 76-годишен пациент со лабораториски потврдена невроинвазивна форма на инфекцијата.

Пациентот 27 дена се лекувал на Клиниката, но поради тешката форма на заболувањето, која го зафатила мозокот и мозочната обвивка, како и поради сериозните придружни заболувања, дошло до летален исход.

Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 20 пациенти, од кои 18 се лабораториски потврдени случаи. Пет пациенти со потешка клиничка слика се лекуваат на интензивна нега.

Од досегашните случаи, 15 пациенти се излекувани и се отпуштени од Клиниката.

Во меѓувреме, лабораториски е потврдена невроинвазивна форма на инфекцијата и кај 25-годишна пациентка која претходно се водела како клинички суспектен случај. Дополнително, синоќа е хоспитализиран и 24-годишен пациент од Центар, кој засега се води како суспектен случај. Резултатите од испитувањата треба да покажат дали и кај него ќе биде потврдена инфекцијата.

Лекарите појаснуваат дека пациентите со невроинвазивна форма на западнонилска треска мора да се лекуваат болнички.

Според досегашните статистики, најтешката, невроинвазивна форма се развива кај околу еден процент од заразените. Сите моментално хоспитализирани пациенти се од Скопје.

Како еден од ризик-факторите за потежок исход лекарите ја посочуваат и напредната возраст. Особено кај пациентите кај кои ќе се развие тешка невроинвазивна форма со воспаление на мозокот и мозочните обвивки, повозрасните лица имаат поголем ризик од компликации и неповолен исход.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни