Со пораки за професионалност, модернизација и зајакнување на одбранбените капацитети, денеска во Охрид беше одбележан 18 Август – Денот на Армијата. Централната свеченост по повод 34-годишнината се одржа во Кампот за обука на вода, каде се обратија претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Претседателката Сиљановска-Давкова оцени дека Армијата денес претставува високо организирана воена формација со професионален интегритет, оперативна кредибилност и висока интероперабилност со сојузничките сили. Таа упати признание до припадниците на Армијата за нивната професионалност, посветеност и подготвеност, нагласувајќи дека луѓето се темелот на секоја современа и кредибилна армија.
Според неа, високите оценки на Лесната пешадиска баталјонска група и учеството на македонските припадници во меѓународните мисии и операции се потврда дека Армијата успешно ги применува стандардите на НАТО и ги исполнува обврските како членка на Алијансата.
Министерот Мисајловски им оддаде признание на сите генерации припадници на Армијата и вработени во одбранбениот систем кои низ годините придонеле за развојот на институцијата.
Тој посочи дека во услови на глобална несигурност, Армијата и одбраната се еден од столбовите на безбедноста и стабилноста на државата. Мисајловски најави дека со поддршка на Владата ќе продолжат активностите за модернизација на Армијата, развој на инфраструктурата, како и зголемување на бројот на обуките и воените вежби.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, 18 Август го опиша како ден на сеќавање и почит кон оние кои низ различни историски периоди придонеле за слободата и државноста.
Тој оцени дека периодот од минатогодишниот до годинашниот Ден на Армијата бил исклучително успешен, при што Армијата ја потврдила својата оперативна зрелост и способност да ги исполнува националните и НАТО-стандардите.
Во рамките на свеченоста, претседателката и врховен командант Гордана Сиљановска-Давкова го додели „Орденот за воени заслуги“ на Командата за операции и Центарот за одгледување и дресура на кучиња, како признание за нивниот особен придонес во развојот на одбранбените способности и исполнувањето на армиските задачи.
Беа доделени и признанија на најдобрите тројца потпоручници, рангирани според резултатите постигнати за време на школувањето на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во периодот од 2022 до 2026 година.
На свеченоста присуствуваа претседателот на Собранието Африм Гаши, премиерот Христијан Мицкоски, министри, пратеници, претставници на воено-дипломатскиот кор, поранешни министри за одбрана и началници на Генералштабот, генерали, претставници на локалната самоуправа и други гости.
Денот на Армијата – 18 Август е определен со одлука на Владата од 3 јуни 1993 година, во чест на формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“ во 1943 година на Славеј Планина.