Финансиската поддршка за онколошките пациенти во Скопје кои ги исполниле условите за помош е исплатена, информираше градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Јавниот повик сè уште е отворен, а заинтересираните граѓани можат да поднесат барање.
Според Ѓорѓиевски, досега на јавниот повик аплицирале повеќе од 1.200 онколошки пациенти. Тој посочи дека секоја апликација била разгледана со внимание, а исплатите за оние кои ги исполнуваат условите се реализирани денес или ќе бидат завршени во текот на наредниот ден.
„Заедно кога е најпотребно – сите онколошки пациенти кои побараа помош, се исплатени“, порача Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук.
Тој нагласи дека зад секоја апликација стои човек и семејство кои се соочуваат со тежок период, поради што, како што посочува, институционалната поддршка треба да биде преточена во конкретна помош.
„Зад секоја бројка стои човек. Стои семејство. Стојат непроспиени ноќи, страв, надеж и огромна борба. И токму затоа ова е порака дека никој не е сам“, наведува градоначалникот.
Ѓорѓиевски додава дека болеста може да го направи патот тежок, но не смее да ја одземе надежта, посочувајќи дека обврска на институциите е да бидат покрај граѓаните не само со зборови, туку и со конкретни мерки и поддршка.
Јавниот повик за финансиска помош останува отворен, па граѓаните кои ги исполнуваат условите и досега не аплицирале, можат да го сторат тоа.