Ице Андонов, младо момче родено во 2003 година, е едно од 63-те лица кои трагично ги загубија животите во катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Неговата приказна, исполнета со пожртвуваност и храброст, денес ја раскажуваат неговите најблиски, пријатели и семејството.
Во разговор за 4TV, неговата сестра Јована Андонова вели дека Ице бил човек со огромно срце, секогаш подготвен да им помогне на другите.
„Тој беше човек со големо срце, целосна потпора за мене и за мајка ми. Секогаш беше подготвен да помогне на секого, без разлика дали тоа го заслужува или не“, раскажува таа.

Ице имал само 21 година. Работел во холандска конфекција, а дополнително одел да работи како келнер во дискотеката „Пулс“.
Кобната вечер, неговата сестра била излезена кога забележала голема толпа луѓе кои во паника се движеле по улиците.
„Видов луѓе како трчаат надолу и беше блокирано. Прашав што се случува и ми рекоа дека диското е запалено. Веднаш и се јавив на мајка ми да му се јави, затоа што знаевме дека е таму“, раскажува Јована.

Животот го натера рано да порасне
Ице уште на млада возраст ја презел грижата за своето семејство. Во 2020 година, тој и неговата сестра го загубиле татко им, а нивната мајка била тешко повредена во сообраќајна несреќа.
Тогаш, на само 18 години, Ице почнал да работи за да му помогне на семејството – најпрво во индустрија, а потоа и како келнер во најголемата дискотека во Кочани.
Херојски обид да спаси луѓе
Во моментот кога избувнал пожарот, Ице бил надвор на цигара. Кога ја видел паниката и хаосот, без размислување се вратил назад во запалената дискотека за да му помогне на свој другар.

Во метежот што настанал кај главниот излез, тој се сетил дека објектот има и втора врата која била заклучена. Се упатил кон неа и се обидел со сила да ја скрши за да ја отвори и да им овозможи излез на луѓето внатре.
Но, не успеал.
Телото на младиот Ице било пронајдено токму во близина на таа заклучена врата.
Болна потрага по вистината
По трагедијата, неговото тело било пренесено во Општата болница во Кочани, каде мајка му првично не успеала да го препознае. Надевајќи се дека е жив, го барала во болниците во Штип и на скопските клиники.
Во хаосот по пожарот, неговото име било помешано со друго лице со исто презиме, па мајката дури добила неофицијална информација дека Ице е испратен на лекување во Бугарија.
Подоцна, при повторно распознавање, таа го пронашла меѓу починатите.
„Таков другар се наоѓа еднаш во животот“
Неговите пријатели го паметат како ведар и исклучително добар човек. Неговата другарка Елена вели дека речиси сите во градот го познавале.
„Немаше дете што не го знае. Злато дете беше. Уште не ни е верно дека го нема. Таков другар како него се наоѓа само еднаш во животот“, раскажува таа.
Голема страст на Ице биле автомобилите. Често со пријателите ги уредувале и преправале возилата за да учествуваат на авто и мотособири.
Автомобилот што го подготвувал за еден мотособир по неговата смрт бил однесен во Битола. Ден пред неговиот роденден, кога требало да наполни 22 години, токму тој автомобил ја освоил првата награда на собирот.
За неговите блиски, тоа е уште еден доказ дека споменот за Ице Андонов ќе продолжи да живее – како симбол на младост, храброст и несебична жртва во трагедијата што ја потресе цела Македонија.