Македонија

Кочани не спиеше: Точно во 02:32 часот ноќно бдеење за 63-цата ангели од „Пулс“

Кочани не спиеше: Точно во 02:32 часот ноќно бдеење за 63-цата ангели од „Пулс“
ФОТО: Ј.Пауноски / 4NEWS.mk

Точно една година по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“, Кочани и Македонија синоќа не спиеја. Во пресрет на кобниот датум, граѓаните се обединија во тишина и молитва, оддавајќи им почит на 63-цата млади кои прерано ги загубија своите животи во трагедијата што го смени текот на историјата на овој град.

Под организација на здружението „16-ти март“, бдеењето започна во 02:15 часот по полноќ пред урнатините на поранешната дискотека. Стотици граѓани, пријатели и членови на семејствата на настраданите, со свеќи и цвеќе во рацете, формираа круг на заедништво во болката.

Врвот на комеморативниот собир се случи во 02:32 часот – моментот кога пред една година изби пожарот. Во тој миг, градот замолкна во едноминутен молк.

На местото на несреќата беа поставени бели срца со имињата на жртвите, кои под светлината на свеќите служеа како неми сведоци на прекинатите соништа.

„Нека светлината сведочи дека не забораваме. Нека тишината зборува за љубовта што останува“, порачаа од здружението.

Покрај бдеењето, годишнината вечер ќе биде одбележана и со посебно одбележување кон настраданите угостителски работници. Локалот „Cacao Libre“ организираше хуманитарен настан под мотото „Некои смени никогаш не завршуваат“.

На овој настан ќе биде промовиран специјалниот коктел „Late Shift“ (Доцна смена), посветен на сите колеги кои таа вечер останаа зад шанкот за последен пат.

Дел од приходот од секој продаден коктел е наменет за изградба на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста“.

Иако помина една година, раната останува отворена, а семејствата на жртвите преку здружението „16-ти март“ уште еднаш јавно побараа правда и целосна одговорност за системските пропусти кои доведоа до оваа незапаметена трагедија.

Денешниот ден во Кочани продолжува во знакот на сеќавањето, додека белите срца пред „Пулс“ остануваат да потсетуваат дека заедницата нема да дозволи имињата на 63-цата млади да избледат во заборав.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни