Во Кочани на 28 март 2026 година ќе се одржи 39-тиот „Марш на ангелите“, во организација на Здружение на граѓани 16-ти Март, како продолжение на борбата за правда и целосно расветлување на трагедијата што ја потресе јавноста.
Собирот е закажан во Паркот на Револуцијата со почеток на собирање во 15:50 часот, додека маршот ќе започне во 16:05 часот. Организаторите ги повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека сеќавањето и барањето одговорност не запираат.
„Додека светот оди напред и деновите стануваат подолги, за нас времето стои“, велат од здружението, нагласувајќи дека болката и тишината по трагедијата сè уште се присутни. Тие додаваат дека маршот не е само израз на тага, туку и гласна порака за вистина, правда и системска одговорност.
Фокусот останува на барањето за целосно расветлување на случајот поврзан со дискотеката Пулс, како и утврдување на евентуалните пропусти што овозможиле објектот да функционира спротивно на безбедносните стандарди.
Од здружението потенцираат дека секој чекор на маршот симболизира и болка и љубов – за оние што ги нема, но засекогаш остануваат во сеќавањата. Пораката е јасна: трагедијата не смее да се заборави, а институциите мора да преземат одговорност.
Маршот ќе се одржи под мотото дека светлината треба да дојде не само со пролетта, туку и со вистината и правдата, како надеж дека вакви трагедии никогаш повеќе нема да се повторат.