Од април годинава платите на здравствените работници ќе се зголемат за 5 до 7 проценти, потврди премиерот Христијан Мицкоски за време на седницата за пратенички прашања во Собранието. Ова покачување е дел од долгорочниот план за раст на примањата во секторот кој ќе трае до 2028 година. Покрај платите, премиерот истакна дека веќе е зголемена капитацијата за матичните лекари, гинеколозите и стоматолозите, а по подолг период позитивната листа е проширена со нови лекови.
Мицкоски посочи дека здравствениот буџет за оваа година достигна речиси една милијарда евра, средства со кои Владата планира да ги санира затекнатите долгогодишни проблеми и лошите политики во јавното здравство. Како еден од поголемите предизвици, тој ги наведе енормните злоупотреби со дежурствата, откривајќи фрапантни случаи каде поединци, преку прикажување на нереални работни часови, инкасирале и над 10.000 евра месечно.
Во однос на инфраструктурата, најавен е голем инвестициски циклус кој вклучува довршување на Клиничкиот центар во Штип, болницата во Кичево и објекти во Тетово. Како најзначаен проект, премиерот ја издвои изградбата на новиот Клинички центар во Скопје, за кој веќе се водат преговори со приватен сопственик за обезбедување соодветна локација, со што конечно би се решил деценискиот проблем на македонското здравство.