Македонија

СУДСКА ЗАБРАНА ЗА ШТРАЈКОТ ВО М-НАВ: Кривична пријава за претседателот на синдикатот и откривање на оддавач на деловни тајни

СУДСКА ЗАБРАНА ЗА ШТРАЈКОТ ВО М-НАВ: Кривична пријава за претседателот на синдикатот и откривање на оддавач на деловни тајни

Основниот граѓански суд Скопје повторно го прогласи за незаконски и го забрани најавениот штрајк на Синдикатот на контролори на летање (ССКЛ), соопшти на денешната прес-конференција правниот застапник на М-НАВ, адвокатот Горан Николовски. Одлуката на судот се темели на три клучни точки: отсуство на конкретни барања за работнички права, неспроведена задолжителна постапка за помирување и недостиг на правен легитимитет на ССКЛ самостојно да организира штрајкови како подружница. Поради постојаните најави за прекини во работата, М-НАВ поведе и посебна судска постапка со која бара трајно утврдување дека овој синдикат нема законско право за самостојно дејствување.

Паралелно со судската забрана, против претседателот на синдикатот, Александар Тасевски, е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба. Раководството на М-НАВ го обвинува Тасевски дека лажно пријавил отсуство од работа за синдикални активности, додека во реалноста заминал на приватно патување на Кипар. Според адвокатот Николовски, овие информации биле потврдени преку медиумски известувања, што претставувало основа за пријава до Обвинителството за користење на ресурсите на компанијата за лични цели.

Дополнително, внатрешната истрага во М-НАВ резултираше со откривање на идентитетот на вработен кој оддавал деловни тајни на порталот „Буревесник“. Правниот тим на компанијата веќе подготвува кривична пријава за ова лице, нагласувајќи дека ваквото постапување директно ја загрозува безбедноста и угледот на институцијата која е од стратешко значење за државата. Од М-НАВ порачаа дека целта на овие правни чекори е да се прекине практиката на дефокусирање на капацитетите на компанијата и да се заштитат интересите на воздухопловната навигација.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни