Авион на Италијанско воено воздухопловство денеска беше забележан како кружи над југозападниот дел на земјата, што предизвика внимание кај граѓаните.
Според податоците од апликацијата Flightradar24, станува збор за лет со ознака IAM1414, изведен со авион тип Boeing 767-2EY(ER). Леталото во одреден период кружело над подрачјето меѓу Охрид, Битола и Пелистер, изведувајќи повеќе елипсовидни траектории.

Според достапните информации, авионот се движел на висина од околу 21.000 стапки и со брзина од приближно 398 јазли. Засега нема официјална информација за целта на летот, но ваквите маневри најчесто се поврзуваат со тренинг-летови, технички проверки или специфични оперативни задачи.
Граѓани од регионот споделија и фотографии на кои се гледа голем авион придружуван од помали летала, што дополнително го зголеми интересот за овој настан.
Надлежните институции засега не излегоа со официјално соопштение, а повеќе информации се очекуваат во текот на денот.
ФОТО: 4NEWS.MK