Македонија

Јовановски призна вина за насилство, но низ солзи тврди дека сведокот е виновен за трагедијата на Ивана!

Јовановски призна вина за насилство, но низ солзи тврди дека сведокот е виновен за трагедијата на Ивана!

Во Основниот кривичен суд Скопје, обвинетиот Стојанче Јовановски се изјасни дека е виновен за делата телесна повреда и загрозување на сигурноста, но ја негира вината за наведување и помагање во самоубиство.

При изјаснувањето, Јовановски емотивно реагираше и низ солзи тврдеше дека не ја натерал сопругата да си го одземе животот, посочувајќи дека за трагедијата е одговорен сведокот Мартин Саздов, за кого рече дека вршел притисок врз него и ѝ се заканувал на Ивана.

Судијата Ивица Стефановски појасни дека признанието за дел од делата не може да се прифати поради дополнителните наводи на обвинетиот, со што постапката ќе продолжи во редовна процедура.

Обвинителката Адела Бојчевиќ, во меѓувреме, го прецизираше обвинението за телесна повреда, наведувајќи дека станува збор за едно дело извршено во краток временски период, а не за продолжено кривично дело.

Според обвинението, на 2 март Јовановски ја навредувал и физички ја нападнал сопругата на повеќе локации, вклучително и во возило и пред нивниот дом, упатувајќи ѝ сериозни закани. По серија настани истиот ден, жената заедно со нивната малолетна ќерка скокнала од балкон.

Јовановски побара судењето да се води во редовна постапка со изведување докази, тврдејќи дека има докази со кои ќе ја оспори одговорноста за најтешкото дело. Тој се пожали и на условите во притвор, наведувајќи дека бил држен во самица и немал доволно пристап до адвокат.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни